Во периодот од 25 до 26 декември 2025 година, во Државниот завод за ревизија се одржа работилница посветена на измените во методологијата за ревизија на регуларност и примената на меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), како дел од континуираните активности за унапредување на ревизорската практика и зголемување на знаења и вештини на вработените.
Работилницата ја отвори главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, кој истакна дека како врховна ревизорска институција, Државниот завод за ревизија континуирано го усогласува своето работење со меѓународните стандарди, при што како клучен фокус на оваа едукација ја посочи ревизијата базирана на проценка на ризик и практичната примена на МСС и МСФИ, со цел унапредување на ефективноста на државната ревизија.
Предавањата и практичните сесии ги реализираше проф. д-р Атанаско Атанасовски, кој преку систематски пристап и практични примери ги разработи методолошките измени во ревизијата на регуларност, со посебен акцент на проценката на ревизорските ризици, дизајнирањето и унапредувањето на ревизорските постапки.
Во рамки на работилницата беа опфатени и избрани теми од МСФИ, вклучително сметководствениот третман и обелоденувањето на државната поддршка (МСС 20), лизинг договорите (МСФИ 16), финансиските инструменти (МСФИ 39 и МСФИ 9), приходите од договори со купувачи (МСФИ 15), како и сметководствените политики, проценки и исправки на грешки (МСС 8), со фокус на нивната примена во јавниот сектор кои трговските книги ги водат на пресметковна основа.
Работилницата е дел од заложбите на Државниот завод за ревизија за континуирано професионално усовршување на вработените, со цел постојано унапредување на нивните знаења и вештини и навремено прилагодување кон измените во меѓународната ревизорска и сметководствена рамка.