dzr
ENTI SHTETËROR
I REVIZIONIT
GUARDIAN I FONDEVE PUBLIKE

Одговор на Државниот завод за ревизија во врска со изјавата на директорот на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид

06.08.2025

ОДГОВОР НА ИЗЈАВА / ДЕМАНТ

 

во врска со изјавата на директорот на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид,

г. Сашо Најдески, дадена за Телевизија 24 на ден 05.08.2025 година,

под наслов: „Директорот на охридски ‘Комуналец’ контра ревизорскиот извештај за работата на претпријатието“

 

Во однос на изјавата на директорот на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид, г. Сашо Најдески, дадена за Телевизија 24 на ден 05.08.2025 година, во која се негираат одредени наоди утврдени од страна на Државниот завод за ревизија, сметаме за неопходно да ја информираме јавноста точно, прецизно и транспарентно, впрочем како што тоа го правиме во континуитет, навремено, објективно и професионално.

Државниот завод за ревизија, преку својот ревизорски тим, располага со веродостојна документација и докази кои недвосмислено ги потврдуваат наодите во Конечниот ревизорски извештај бр. 19-540/5 од 13.06.2025 година, и тоа:

На 17 и 18.12.2024 година, по писмено барање од ревизорскиот тим, надлежни лица од Одделението за експлоатација на возен парк при Секторот механизација на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид, електронски доставија официјална листа на неисправни возила за 2023 година. Врз основа на оваа документација, беше извршена теренска проверка и фотографска евиденција за потврдување на состојбите.

Во однос на потрошувачката на 10.000 литри дизел гориво за возила кои не се евидентирани во деловните книги на претпријатието, укажуваме дека овие наоди не се однесуваат на возила кои во минатото биле доделени на користење од страна на Општина Охрид, како што е наведено во изјавата на директорот. Станува збор за други возила, за кои постојат јасни ревизорски докази.

Со цел објективно и транспарентно информирање, ДЗР ја објави листата на регистарски броеви на сите возила во кои е точено дизел гориво, вклучувајќи ги и оние кои се во неисправна состојба или не се евидентирани во сметководството на претпријатието. Оваа листа е составен дел од Одговорот на забелешки на нацрт-извештајот, кој е составен дел од Конечниот ревизорски извештај.