Делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во периодот од 1 до 5 јули 2025 година оствари официјална билатерална посета на Романскиот суд за ревизија во Букурешт.
Во рамки на посетата беше потпишан нов Меморандум за соработка помеѓу двете институции, со кој се зајакнуваат пријателските и професионалните односи и се предвидува продлабочена соработка во повеќе области, меѓу кои: размена на искуства, спроведување на кооперативни ревизии, заеднички истражувачки проекти, како и активности за обука и усовршување на ревизорскиот кадар.
Посетата опфати средби со високи државни претставници, меѓу кои и средба со претседателите на комисиите за буџет во Сенатот и Комората на пратеници во Парламентот на Романија. На оваа средба ДЗР ги претстави своите достигнувања во однос на транспарентноста и отчетноста во работењето, како и иновативниот пристап преку користење на вештачка интелигенција за изработка на видеа за најзначајните ревизорски извештаи и Годишниот извештај на ДЗР. Претставниците од романскиот парламент ја истакнаа безрезервната поддршка за соработката помеѓу двете врховни ревизорски институции и ја изразија својата поддршка на државата на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Особено значајна беше работната средба во Романскиот суд за ревизија, каде што се одржаа професионални презентации од двете институции. Делегацијата на ДЗР одржа презентација за значајните достигнувања и постигнатите резултати во работењето, како и пристапот и алатките што ги применува за унапредување на транспарентноста и механизмите за комуникација со јавноста. Во фокусот беа и иницијативите за користење на вештачката интелигенција и дигиталните алатки како поддршка на ревизорските процеси, како и плановите за понатамошно модернизирање на институцијата.
Презентацијата на ДЗР беше високо оценета од домаќините, кои ја истакнаа важноста на ваквиот модерен и отворен пристап кон ревизијата. Од своја страна, Романскиот суд за ревизија ја презентираше својата организациска структура, искуствата во спроведувањето на ревизии во клучни области од јавниот сектор, како и во однос на соработката со Парламентот и другите државни институции. Двете страни имаа можност да дискутираат за предизвиците во работењето и да разменат добри практики кои придонесуваат за подобрување на јавната финансиска отчетност.
Покрај активностите во Букурешт, делегацијата на ДЗР оствари и работен состанок во регионалната канцеларија на Романскиот суд за ревизија во Брашов, каде што беа споделени искуства и примери од ревизиите на локално ниво.
Во оваа прилика, ДЗР му упати честитки на Претседателот на Романскиот суд за ревизија, г. Михаи Бусуиок, по повод неговото именување за член на Уставниот суд на Романија, изразувајќи надеж дека тоа ќе претставува дополнителен поттик за продлабочување на соработката помеѓу највисоките судови на двете држави.
Во септември 2025 година се очекува возвратна посета од страна на делегација на Романскиот суд за ревизија во Скопје. За време на оваа посета ќе бидат разгледани конкретни активности за натамошна соработка, вклучувајќи спроведување на паралелна ревизија, како и размена на искуства во користењето на вештачка интелигенција и иновативни алатки во ревизорската работа.