На ден 19.02.2025 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заедно со своите најблиски соработници, оствари работна средба со г. Римтаутас Барткус, претставник на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од Вашингтон.
Во фокус на одржаната работна средба беше дискусија во врска со антикорупциски мерки и активностите на ДЗР во системот за превенција и борба против корупцијата, клучните утврдени состојби нотирани во извештаите на ДЗР, како и планираните ревизорски активности во следниот период, притоа потенцирајќи ги очекувањата за добивање на поддршка од мисијата на ММФ како за државата така и за Државниот завод за ревизија.
Во тој контекст, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски го запозна г. Барткус со резултатите на Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во државата и постигнатите успеси во изминатиот период, како и со клучните утврдени системски слабости за начинот на користењето на јавните средства.
Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд изрази задоволство за евидентниот напредок и постигнатите резултати на Државниот завод за ревизија потенцирајќи дека ДЗР претставува пример за импресивно патување кон зрелост на институција од јавниот сектор.