dzr
ENTI SHTETËROR
I REVIZIONIT
GUARDIAN I FONDEVE PUBLIKE

ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија со 54% загуба на вода, нецелосно фактурирање на извршените услуги кон основачот, управување со градски пазар без одлука од општината и паушално фактурирање на дел од потрошената вода

14.01.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми -

Скопје 14.01.2025 година

 

ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија со 54% загуба на вода, нецелосно фактурирање на извршените услуги кон основачот, управување со градски пазар без одлука од општината и паушално фактурирање на дел од потрошената вода

 

ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија во континуитет се соочува со големи загуби во водоснабдувањето. Ревизијата укажува дека само половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби сериозно влијаат на приходите на јавното претпријатие и на даноците (ДДВ и данок на добивка) кои се приход на државниот буџет.

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија, за 2023 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година, и мислење со резерва за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Од вкупните побарувања по основ на продажба на вода и услуги, 75%, односно 176.093 илјади денари, односно 2.854.000 евра се побарувања постари од 3 години, што укажува на нивна ненавремена наплата. Поради неизвршена оценка на наплатливост на побарувањата на крајот на секој извештаен период и соодветен акт за постапување, постои голем ризик побарувањата кои се утужени и отворени стечајни постапки од правни лица во износ од 22.258 илјади денари со рок од 6-10 години, да не се наплатат.  

Графикон бр.1 Старосна структура на побарувања по основ на продажба на вода и услуги

1

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Изградените инфраструктурни објекти (водоводна и канализациона мрежа) во 2023 година, не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, а кај 27% од останатите градежни објекти со вредност од 308.971 илјади денари, односно 5.008.000 евра претпријатието не поседува имотни листови.

Поради нецелосното исполнување на обврските од страна на основачот - Општина Гевгелија, основната главнина на ЈПКД „Комуналец“ не е запишана во единствениот трговски регистар и регистар на други правни лица при Централниот регистар.

Исто така, во трговските книги и финансиските извештаи за 2023 година, од вкупните резерви проценети на 118.420 илјади денари, значителен дел, или 104.971 илјади денари, во 2015 година се пренесени без соодветна документација од сметката „Основна главнина“ на сметката „Останати резерви“, што влијае на точноста, реалноста и објективноста на вредноста на капиталот и резервите за 2023 година.

Слика бр.1 Урбан градски парк

2

 

 

 

 

 

 

 

 

Во рамки на програмските активности за 2023 година, ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија склучило квартални договори со Општина Гевгелија за одржување на комуналната хигиена и паркови, во вкупна вредност од 9.479 илјади денари без ДДВ. Ревизијата утврдила дека фактурирањето од страна на јавното претпријатие се врши по основ на договорите, а не по реално извршениот обем на услуги, кој е значително поголем, согласно оперативниот план и динамика за одржување на јавно прометни површини за тековната година. Општината како инвеститор, односно корисник на услугите наведени во предметните договори, доцни со плаќањето на обврските за повеќе од 3 години, и по тој основ со 31.12.2023 година има долг кон ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија во износ од 24.236 илјади денари, а се оспорува извршена услуга за дислокација на водоводна линија во износ од 6.793 илјади денари. Ваквиот начин на постапување има за ефект помалку приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан и уплатен ДДВ во Буџетот на Република Северна Македонија и влијае врз принципите на сигурност, континуитет и квалитет на услугата.

Ревизијата утврди неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите. Правилник за основна плата и други надоместоци на плата на вработените во ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија не е усогласен со важечката законска регулатива во делот на основната компонента на плата за минимална плата и за ниво, а пресметката на платите се врши согласно Одлука за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите од 2019 година.                                                                                

На крајот на 2019 година, директорот на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија, без одлука на Управен одбор, склучил договор за финансиска позајмица со ФК „Кожув“ Гевгелија во износ од 600 илјади денари, која до денот на ревизијата не е вратена, ниту се преземени мерки за нејзина наплата.

Слика бр.2 Градски пазар Гевгелија

3

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија стопанисува со објектот Градски пазар, без одлука на советот на Општина Гевгелија за давање на користење и управување, што влијае на законско и правилно користење на добрата во општа употреба.

Ревизијата извести и за значителното отстапување на количината на приходуваната вода во однос на произведена, односно за 54% загуба на вода, што влијае на помалку остварени приходи на јавното  претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.

Техничките загуби учествуваат со 53% во вкупната загуба и се однесуваат на дефекти и протекувања на водоводната мрежа, комерцијалните загуби учествуваат со 29%, а се резултат на нелегални приклучоци и неисправни и неточни водомери, додека пак комуналната потрошувачка со 18% е нефактурирана потрошувачка од јавните чешми и приклучоци на водоводната мрежа од кои се врши поливање на паркови и зелени површини.

Поради неисправни водомери и не поставени протокомери во населени места и јавно прометни површини, 27% од правните и 10% од физичките лица паушално се задолжуваат за потрошена вода.

Јавното претпријатие одржува, односно полива 87.077 м2 јавно прометни зелени површини со регистрирани 26 потрошувачки места од кои 15 се јавни чешми и 11 се паркови и зелени површини. Само на две од вкупно регистрираните потрошувачките места има поставено протокомери кое има влијание на законското и наменското користење на водата.

Графикон бр.2 Остварен физички обем на испорачана и фактурирана вода 2018-2023

4

 

 

 

 

 

 

 

 

 

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected] 
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]