dzr
ENTI SHTETËROR
I REVIZIONIT
GUARDIAN I FONDEVE PUBLIKE

Работна средба со новиот Амбасадор на Делегацијата на ЕУ, Н.Е. Михалис Рокас

09.10.2024

На ден 08.10.2024 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски оствари работна средба со Амбасадорот и шеф на делегацијата на Европската Унија,  Н.Е. Михалис Рокас и неговите соработници г-ѓа Мари Маделин Канлополу, Раководител на секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка и г. Хавиер Кастиљо Алварез, програмски менаџер на ЕУ делегацијата во нашата држава.

Во фокусот на одржаната средба, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, му посака успешен мандат на новиот Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас и изрази очекување за продолжување на плодната и успешна соработка.

Презентирајќи ги клучните резултати од работата на Државниот завод за ревизија, истакнувајќи ги не само предизвиците, туку и можностите за напредок во процесот на ревизија, г. Ацевски акцентираше на значењето на независноста на ДЗР и потребата за адекватни ресурси, кои се клучни за ефективно спроведување на законските надлежности, а воедно и за градење на доверба помеѓу институциите и граѓаните.

Амбасадорот Рокас изрази поддршка за напорите на ДЗР и нагласи дека Европската Унија активно ја следи работата на Државниот завод за ревизија. Тој истакна дека е клучно да се создадат услови за успешна реализација на ревизорските препораки и за постигнување финансиска независност, што е основа за зголемување на ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства.

Оваа средба е важен чекор кон зајакнување на соработката помеѓу ДЗР и Европската Унија, потврдувајќи ја посветеноста на двете страни во насока на унапредувањето на транспарентноста во институциите, изградба на доверба и создавање на контролно опкружување, што ќе придонесе за подобрување на начинот на користење на средствата на даночните обврзници и испорака на квалитетни услуги за граѓаните.