dzr
ENTI SHTETËROR
I REVIZIONIT
GUARDIAN I FONDEVE PUBLIKE

Заедно кон родова еднаквост и економско зајакнување на жените во руралните заедници на пазарот на трудот

17.07.2024

Државниот завод за ревизија, во улога на координатор, а воедно и домаќин на промотивен настан, заедно со Врховните ревизорски институции на Република Албанија и Република Косово, со задоволство го презентираа Заедничкиот ревизорски извештај од регионалната кооперативна ревизија на успешност на тема “Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд”, поддржан од UN Women – Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените.

На настанот, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, искрено им се заблагодари на сите присутни и на претставниците на врховните ревизорски институции, кои покажаа ангажираност и професионалност во текот на оваа паралелна ревизија.

Во своето обраќање, г. Ацевски ја потенцираше важноста на меѓународната соработка во ревизорскиот процес, истакнувајќи дека „учеството во кооперативни ревизии со другите врховни ревизорски институции е од витално значење за Државниот завод за ревизија. Секојдневно го гледаме диспаритетот помеѓу руралната и урбаната средина каде условите не се еднакви. Затоа, треба да се трудиме да обезбедиме подеднаков пристап, на пример, за згрижување на децата, образование, како и пристап до јавните услуги на ист начин како во урбаните така и во руралните средини. Овој настан има за цел промовирање на значајните наоди и препораки од ревизорските извештаи, како и да ги поддржи напорите за постигнување на родова еднаквост, а воедно жените од руралните заедници да бидат главни актери во борбата за родова еднаквост и економска самостојност.“

Во воведните обраќања главната ревизорка на ВРИ на Република Косово, г-ѓа Вљора Спанца потенцираше дека „наодите од националните ревизии претставуваат вреден патоказ за обликување на политики за целосно учество на жените во економијата. Родовата еднаквост не е само цел, туку основно човеково право, и оваа паралелна ревизија ни помогна да ги идентификуваме најдобрите практики и решенија што може да се имплементираат низ целиот регион за да се зголеми вклученоста на руралните жени на пазарот на трудот“.

„Резултатите од оваа ревизија ни помагаат подобро да разбереме каде сме, кои се главните предизвици и како можеме да го подобриме нашиот пристап за да постигнеме одржлива родова еднаквост и вистинско зајакнување во руралната заедница,“ сподели во своето обраќање г. Алфред Зулфи, директор за ревизија на успешност на ВРИ на Република Албанија.

Г-ѓа Елиса Фернандез Саенз, заменик-регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, во своето излагање се заблагодари за соработката и подвлече дека „Врховните ревизорски институции, како независни тела одговорни за ревизија на јавните средства и владините политики, имаат единствена и моќна улога во промовирањето на родовата еднаквост преку нивната работа. Тие гарантираат дека јавните средства се користат ефикасно, ефективно и во согласност со законот. ВРИ придонесуваат кон поголемо разбирање и поддршка за иницијативите за родова еднаквост кај јавноста. Овој ангажман помага да се изгради поширока коалиција на засегнати страни посветени на унапредување на родовата еднаквост.“

На настанот се обратија и г. Лусиен Егертер, заменик амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија и г. Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во нашата земја кои ја потенцираа важноста на унапредување на родовата еднаквост во земјата.

Презентациите од учесниците од трите врховни ревизорски институции не само што ги истакнаа предизвиците и утврдените состојби во регионот, туку и препораките што целат кон подобрување на родовата еднаквост и економско зајакнување на жените во руралните заедници.

Овој настан не само што го подигна значењето на родовата еднаквост и економско зајакнување на жените во руралните заедници, туку создаде и простор за споделување и размена на искуства. Споделувањето на успешни практики и предизвици е стартна точка за подобрување на условите на живот за сите жени во нашите заедници.

Настанот и реализацијата на регионалната паралелна ревизија на успешност на тема “Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд”, е поддржан од UN Women – Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените во рамки на проектите „Трансформативно финансирање за родова еднаквост кон потранспарентно, инклузивно и отчетно владеење во Западен Балкан“ финансиран од Шведска, проектот „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија – Фаза 2“, финансиран од Швајцарија и програмата „Промовирање на родово одговорно управување во Република Северна Македонија“ финансирана од Шведска.