dzr
ENTI SHTETËROR
I REVIZIONIT
GUARDIAN I FONDEVE PUBLIKE

Академија за финансирање на Целите за одржлив развој во Бар, Црна Гора

23.06.2024

Во периодот 19 - 21 јуни 2024 година, во Бар, Република Црна Гора, делегација од Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија предводена од м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор, присуствуваше на Академијата за финансирање на Целите за одржлив развој (ЦОР).

На настанот покрај претставници од канцеларијата на УНДП беа присутни и националните соработници од земјите од Западен Балкан (Република Србија, Република Црна Гора, Република Косово, Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина).

Целта на настанот беше учесниците да добијат информации за алатките кои се користат за подобрување на одржливите финансии во Западен Балкан, иновативното финансирање, даноците за ЦОР, поврзување на ЦОР со буџетот итн.

Дводневниот настан опфати повеќе аспекти со кои се потенцира значењето на јавните финансии за постигнување на ЦОР, улогата на даноците преку усогласување на даночната политика со одржливиот развој и потребата од дигитализација на даночната администрација. Беа посочени пристапите за интегрирање на ЦОР во буџетскиот циклус, алатките и методологиите за ефективно донесување на буџетот, како и искуствата, предизвиците и можностите во однос на означување на ЦОР во буџетот на државата.

Настанот беше посветен и на зелените финансии, односно улогата на зелените јавни финансии во контекст на климатските промени, поврзаноста на фискалната политика, одржливоста на животната средина и климатските активности. Посебен акцент беше ставен на фискалните алатки за ублажување и адаптација на климатските промени преку испитување на фискалните политики и инструментите на задолжување кои го поддржуваат ублажувањето и адаптацијата на климатските промени, како и на критериумите и стандардите за издавање зелени обврзници, со позитивни примери.

На крајот на состанокот беше истакнато дека иако инвестирањето во ЦОР  од година во година се повеќе се зголемува, не е доволно, особено за земјите во развој, а како клучен фактор се посочи потребата од синергија меѓу јавниот и приватниот сектор. Потребно е да се направат чекори и кон побрза зелена транзиција и повеќе инвестиции за да се зголеми отпорноста кон природните катастрофи.