dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

Објавен Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2024 година

30.06.2025

Државниот завод за ревизија успешно ја имплементираше Годишната програма за работа за 2024 година и продолжи да дава значаен придонес во унапредувањето на јавната отчетност, транспарентност и одговорно управување со јавните средства.

На ден 27 јуни 2025 година, во согласност со член 33 став 2 од Законот за државната ревизија („Службен весник на РМ“ бр. 66/2010, 145/2010, 12/2014, 43/2014, 154/2015, 192/2015, 27/2016 и 83/2018 и „Службен весник на РСМ“ бр. 122/2021 и 3/25), Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски го достави Годишниот извештај до Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши.

Во рамки на спроведената програма, ДЗР изврши 88 ревизии, изработени се 132 ревизорски извештаи, а опфатени се 239 субјекти од јавниот сектор.

Ревизиите спроведени во 2024 година резултираа со значајни согледувања и препораки за подобрување на финансиското управување и контролите во јавниот сектор.

Во текот на извршените ревизии беа:

  • Идентификувани 1.240 значајни наоди, кои укажуваат на различни слабости, пропусти и ризици во управувањето со јавните средства
  • Дадени 882 препораки за унапредување на работењето на институциите, со што продолжува трендот на високо ниво на имплементација – 85% постапување по претходно дадените препораки
  • Ревидиран обем од над 452 милијарди денари јавни приходи и 227 милијарди денари јавни расходи, што укажува на значителен опфат на средствата со кои управуваат јавните институции
  • Утврдени неправилности кај јавните набавки во вредност од над 1,7 милијарди денари, како и дополнителни 16,2 милиони денари набавки спроведени без спроведена постапка за јавна набавка.

Работата на Државниот завод за ревизија обезбедува висока додадена вредност – секој денар вложен во буџетот на ДЗР враќа најмалку 18 денари назад во државниот и општинските буџети. Финансискиот ефект од утврдените неправилности и веќе вратените средства во 2024 година изнесува 3.515 милиони денари, односно околу 57 милиони евра.

Со цел да обезбеди сеопфатен и објективен увид во управувањето со јавните ресурси, Државниот завод за ревизија во 2024 година спроведе:

  • 72 ревизии на регуларност, со акцент на законитоста и правилноста во работењето
  • 10 ревизии на успешност, насочени кон оценка на ефективноста и ефикасноста на јавните политики и програми
  • 4 ИТ ревизии, фокусирани на безбедноста и ефикасноста на информациските системи
  • 2 ревизии на усогласеност, со цел проверка на почитувањето на пропишаните регулативи и стандарди

Фокусот и оваа година беше ставен на прашања од значење за граѓаните: транспарентно трошење на јавните средства, ефикасност на капиталните инвестиции, унапредување на јавните услуги, управување со јавните приходи и расходи, како и зајакнување на ИТ безбедноста во институциите.

Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, во воведниот дел од Извештајот ја нагласува стратешката определба на ДЗР кон градење и развој на човечките ресурси:

„Вложувањето во знаењето и вештините на човечките ресурси останува наш водечки принцип, затоа што тоа е инвестиција која секогаш се исплати – за институцијата, за државата и најмногу за граѓаните.“

Со професионален, независен и одговорен пристап, Државниот завод за ревизија останува клучен двигател во јакнењето на јавната доверба и подобрувањето на управувањето со јавните средства.

Целосната содржина на Годишниот извештај можете да ја преземете на следниот линк:
https://dzr.mk/sites/default/files/2025-06/GI_DZR_2024_MKD.pdf

Доставување на Годишен извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2024 година:

https://dzr.mk/sites/default/files/2025-06/Pismo_dostava_GI2024_Sobranie_RSM_June2025.pdf