dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

Парламент 2024 - 2028: Нови заложби во борбата против корупцијата

06.07.2024

Потребна е исклучителна политичка волја и од власта и од опозицијата, натпартиски напори, како и враќање на довербата во правосудството, Собранието и во останатите институции за да се постигне ефект во борбата против корупцијата.

Ова е заклучокот од настанот „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“ посветен на улогата на Собранието во зајакнување на борбата против корупцијата кој се одржа на 5 јули 2024 година, во организација на Институтот за демократија во Скопје.

На настанот како клучни говорници учествуваа м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор, Љупчо Пренџов, претседател на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Сервет Демири, член на Државната комисија за спречување на корупцијата и Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија.

Во своето обраќање главниот државен ревизор истакна: “Пратениците треба да соберат сили и до крајот на годината да го донесат Законот за државна ревизија кој што талкаше по институциите.

Би сакал да истакнам дека во 2021 година ДЗР и Собранието потпишаа меморандум за соработка и за прв пат во историјата се преземаат активности помеѓу ДЗР и Собранието.

"Ми преставува чест и задоволство што годишниот извештај на ДЗР се дискутираше повеќе од четири часа и се донесоа 12 заклучоци кои се во насока на поддршка на работата на ДЗР. Верувам дека оваа наша соработка со Собранието ќе продолжи и ќе се интензивира и дека ќе се разгледуваат одредени извештаи во матичните комисии на Собранието".

Мислам дека крајно време е и одредени ревизорски извештаи да заслужат внимание и на пленарни седници“, истакна Ацевски. 

На настанот пратеници, претставници на релевантните институции и на граѓанскиот сектор дискутираа за зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата во следните четири години. Дискусијата се фокусираше на главните теми и приоритети во борбата против корупцијата, како и инструментите за обезбедување на помош на, но и отчетност од институциите кои одговараат пред Собранието.