dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

Сопствените приходи на општините недоволни за квалитетни услуги

25.04.2023
Слика
Карта со оптините

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                

- Соопштение за медиуми-   

Скопје, 25.04.2023 година

Сопствените приходи на општините недоволни за квалитетни услуги за граѓаните

Сопствените приходи на општините во 2020 година бележат намалување од 15,2% во однос на претходната година и не се доволни за креирање на ефикасни политики на локално ниво

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата“, согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 и 2022 година.

Ревизијата е спроведена во рамките на активностите на TFMA- EUROSAI работната група за ревизија на општините, како кооперативна ревизија во која учествуваат седум Врховни ревизорски институции на: Албанија, Црна Гора, Романија, Словачка, Полска, Турција и Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија како координатор.

Со извршената ревизија, ревизорите се стекнале со разумно уверување дека остварените сопствени приходи на општините во 2020 година бележат намалување од 15,2% во однос на претходната година и нивниот износ од 8 илјади денари по глава на жител, не е доволен за креирање на ефикасни политики на локално ниво и нивно ефективно спроведување со цел обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.

Во Република Северна Македонија има монотипен/едностепен модел на локална самоуправа, односно сите општини имаат исти надлежности, во услови на различни географски, демографски и социоекономски капацитети. Преземените мерки во насока на зголемување на сопствените приходи на општините претставуваат солидна основа за нивна подобра финансиска состојба, но сепак не се доволни за успешно да ги извршуваат законските надлежности. Од тие причини дел од надлежностите се финансираат преку дотации од централната власт и донации обезбедени од меѓународни извори.

Во вкупните остварени приходи на општините, со најголемо учество од 50% се средствата добиени од централната власт по основ на блок дотации за финансирање на тековни трошоци и плати на вработените во областа на образованието, детската заштита, културата и противпожарната заштита, со 38% се сопствени приходи, со 6% се приходите од пренесен данок односно дотација од данок на додадена вредност, а со по 2% учествуваат приходите од самофинансирачки активности, приходите од донации и од задолжување.

 

slika_1

 

Во услови на пандемија предизвикана од КОВИД-19, единиците на локалната самоуправа се соочија со огромни предизвици во работењето кои налагаа да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити населението, преку непрекината испорака на локалните услуги, во услови на ограничени општински буџети и човечки ресурси. Забраната за организирање на настани во поголеми групи, одржувањето на социјална дистанца, изолацијата, редуцирањето на бројот на вработените во зависност од условите на работното место, времена забрана за вршење на одредени дејности и други превентивни мерки за заштита од пандемијата имаа влијание врз реализација на предвидените активности, кои беа менувани во зависност од актуелните потреби.

Влијанието на пандемијата во структурата на општинскиот буџет по извори на финансирање споредбено за 2019 и 2020 година покажува дека приходите на основен буџет кои учествуваат со околу 40% во вкупните приходи на општините, бележат пад од 15,2 %, а дотациите од централната власт кои зафаќаат ½ од вкупните приходи имаат зголемување од 12%. Рапидно се зголемени приходите од задолжување (85%) во однос на 2019 година.

Отсуството на стратешко планирање за намалување на ризици од катастрофи со јасно дефинирани приоритети и стратешки цели на национално ниво, од кои произлегуваат мерки на краток, среден и долг рок, одговорни институции и утврдени индикатори за мерење на ефектите од имплементацијата како и не спроведениот процес на децентрализација во областа на здравствената заштита и подредената улога на општините во воспоставениот систем за справување со пандемијата предизвикана од КОВИД - 19, се причини општините да не се во можност да преземаат брзи и самостојни мерки за помош и заштита на населението во услови на пандемија.

Во буџетскиот процес не е обезбедено почитување на принципите на партиципативност и транспарентност, што не претставува солидна основа за донесување на граѓански буџет во кој ќе бидат вклучени интересите и потребите на засегнатите страни. Само 5% од граѓаните биле консултирани од нивната општина при изготвување на општински буџети и програми, додека 39% сметаат дека во буџетот на општината не се вклучени потребите на жителите на општината.

Неизвршените/ненавремено извршените изменувања и дополнувања на буџетите, односно прилагодување на расходите согласно остварените приходи кои во 2020 година се во висина од 70% од планираните, резултираат со зголемено учество  на обврските во сопствените приходи за 7% во однос на претходната година. Зголемените обврски и рапидното зголемување на приходите од задолжување во однос на претходната година, во услови на продолжена здравствена и економска криза, не обезбедуваат уверување за финансиска стабилност и одржливост на општините.

Активностите кои ги преземале општините за време на пандемијата се однесуваат на: редуцирање на јавен градски превоз, организирање на редарски служби пред јавни објекти, работа во смени на општинската администрација, отворање на бесплатен телефонски број за граѓаните на кои им е потребна помош за достава на храна и лекови, во соработка со Црвен крст достава на социјални пакети на ранливи категории на граѓани, промоција на јавно здравје, поставување на т.н. „речни корита“ на влезовите во општината за дезинфекција, организирање на начин на работа на зелени пазари и сл.

Поради недоволно остварени сопствени приходи, општините не извршиле соодветни програмски и економски прилагодувања на буџетите, за преземање на дополнителни активности за задоволување на потребите на граѓаните кои во периодот на пандемијата најмногу се од областа на здравството, образованието и социјална заштита, што резултира задоволството на граѓаните од квалитетот на општинските услуги  да биде со просечна оценка 2.7 (скала од 1 до 5).

 

slika_2

 

Општините не преземале ниту активности за изработка на планови за пост кризно опоравување, во насока на надминување на здравствените и социоекономските последици што упатува на недостаток на визија за опоравување и мерки за прилагодување и градење на отпорност на општините, кои во услови на продолжена здравствена и економска криза треба да обезбедат одржливо опкружување за економски инвестиции и развој.

 

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]