dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје со 86 милиони денари неуплатена комунална такса во буџетот на Општина Центар и 20 милиони застарени побарувања

10.07.2026

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

Скопје, 16.07.2026 година

 

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје со 86 милиони денари неуплатена комунална такса во буџетот на Општина Центар и 20 милиони застарени побарувања

 

Со ревизијата утврдени се слабости во финансиското управување и работење на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје, односно несоодветно евидентирање на опремата и градежните објекти, неуплатена комунална такса од 86 милиони денари во буџетот на Општина Центар, 25% од вкупните побарувања се постари од шест години и без преземени мерки за наплата или обезвреднување, неправилности во постапките за јавни набавки и слабости во благајничкото работење

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавно претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје, за 2024 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на претпријатието и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Опремата и градежни објекти со која располага јавното претпријатие (паркомати, монтажни конструкции, киоск системи и друга урбана опрема) не се соодветно евидентирани и не е пресметана амортизацијата на набавените материјални средства во 2024 година кои се ставени во употреба, што има влијание на искажаниот финансиски резултат и квалитетот на информациите и податоците кои ги даваат финансиските извештаи.

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје има искажано побарувања во износ од 80.120 илјади денари односно 1.302.764 евра, од кои 20.414 илјади денари односно 331.935 евра се постари од 6 години што претставуваат 25% од вкупните побарувања, за кои не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати.

Структура на побарувањата на 31.12.2024 година

 

 

 

 

 

Во текот на 2024 година извршен е отпис на побарувања во износ од 2.221 илјади денари за физички лица за кои не е пресметан и платен данок на личен доход во износ од 247 илјади денари, што има за ефект помалку уплатени средства во Буџетот на државата.

Не е извршен попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, состојбите не се потврдени со соодветни постапки и утврдено е несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија нема изготвено извештај за извршениот попис.

Јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики за изготвување, презентирање и обелоденување на финансиските извештаи, завршните книжења за 2024 година не се спроведени во пропишаниот рок, а трговските книги не се заклучени и овозможуваат ретроактивни промени.

Заклучно со 2024 година, јавното претпријатие има искажано обврски за комунална такса во износ од 86.363 илјади денари односно 1.404.276 евра, кои не се уплатени во Буџетот на Општина Центар, и најголем дел (79.047 илјади денари) се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година.

Поради примена на Правилникот за плати кој не е усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор, утврдени се неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите и надоместоците, во однос на утврдената вредност на бодот, коефициентите на сложеност по работни места и пресметката на додатокот за работа во смени и надоместоците за боледување.

Ревизијата утврди слабости во благајничкото работење, односно отсуство на интерен акт со кој се регулира ракувањето со готовинските средства, не водење благајнички дневник, некомплетна благајничка документација, како и непреземени мерки за осигурување на готовината што се чува во благајната.

Внатрешна ревизија не е организирана во соодветен организациски облик и не е пополнета со потребниот број внатрешни ревизори, поради што не се донесени стратешки и годишен план за внатрешна ревизија за 2024 година.

Утврдени се слабости во постапките за доделување на договори за јавни набавки во вкупен износ од 4.590 илјади денари, со реализација во 2024 година од 2.589 илјади денари. Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество, прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се поставувани во законски рок на ЕСЈН, техничките спецификации не се јасно и недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е одговорено.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]