Денес, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и г. Кристофер Маршал, директор на Проектот на УСАИД за партнерство против корупција потпишаа Писмо за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Проектот на УСАИД за партнерство против корупција спроведуван од страна на Менаџмент системс интернешонал, компанија на Тетра Тек.
Изразувајќи благодарност и задоволство од досегашната успешна соработка, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски истакна дека очекува оваа соработка во иднина да придонесе за зајакнување и унапредување на системот за превенција и борба против корупцијата во нашата земја и изрази уверување дека ова партнерство ќе доведе до успешна имплементација на заедничките цели и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во институциите.
Големи очекувања од официјализираната соработка со Државниот завод за ревизија изрази г. Марк Елингстад, директор на Канцеларија за демократија и добро управување при Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во Северна Македонија препознавајќи ја улогата на ДЗР како една од клучните институции во системот за превенција и борба против корупцијата.
Директорот на Проектот на УСАИД за партнерство против корупција и г. Кристофер Маршал изрази уверување дека со потпишувањето на писмото за соработка се обезбедува јасна рамка за креирање на активности помеѓу институциите во области од заеднички интерес кои ќе имаат придонес во обезбедувањето на транспарентност, отчетност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Потпишувањето на писмото за соработка има за цел да постави основа за заеднички приоритети поврзани со реализација на активности кои ги зајакнуваат системите на национално ниво за спречување и намалување на институционалната ранливост на корупција.