dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

Одливот на високообразовен кадар дискутиран на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика

08.10.2024

Денес, во Собранието на Република Северна Македонија на 4-та седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се разгледуваше и се дискутираше по Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“.

На Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски пред Претседателот на комисијата г. Бојан Стојановски, министерот за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска и пред пратениците членови на ресорната комисија ги елаборираше клучните утврдени состојби во конечниот ревизорски извештај.

Притоа, Главниот државен ревизор г. Ацевски изрази уверување дека ваквата воспоставена практика на разгледување на конечните ревизорски извештаи во собраниските комисии и на пленарните седници на Собранието на Република Северна Македонија ќе придонесе за поефикасно постапување на надлежните институции по препораките дадени од Државниот завод за ревизија

Во објавениот конечен ревизорски извештај, во заклучокот се наведува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска Методологија, прибраните ревизорски докази, стекнато е  уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика на крајот од одржаната седница за разгледување на конечниот ревизорски извештаи, предложи заклучоци кои ќе бидат доставени до Собранието на усвојување заедно со Извештај од одржаната седница.