dzr
STATE AUDIT OFFICE
GUARDIAN OF PUBLIC FUNDS

Алармантен губиток на таленти - државата на петто место по одлив на мозоци

02.07.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                                             

- Соопштение за медиуми-                                                                                

Скопје, 02.07.2024 година

 

Алармантен губиток на таленти - државата на петто место по одлив на мозоци

 

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти

 

 

Слика 1  Слика 2Слика 3Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година спроведе ревизија на успешност на тема ,,Ефективност на   мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри”.

 

Целта на ревизијата беше да се даде одговор на прашањето ,,Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

 Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.

Во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од било кога. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.

 

Grafikon 11

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице, а нивниот број по одделни години е прикажан во следниот графикон.

Grafikon 12

Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица, прикажано по години во графиконот.

 

 

 

Според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост

 

Grafikon 13

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во елитната група на топ дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар од Република Северна Македонија ја има напуштено државата, а Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, покажува дека Република Северна Македонија е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри.

Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите.

Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци“. Оваа стратегија не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија се утврди низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Северна Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција.

Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање. Од друга страна МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата.

 

Нефункционалноста на веб порталите nauka.mk и patent.mk оневозможува истите да се користат како средство за обезбедување на информации за резултатите од научно истражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).

Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра.

Одливот на високообразовани кадри има сериозен ефект врз бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15% од БДП на годишно ниво.

Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19% од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво.

Оваа студија/истражување покажува на сериозни предизвици со кои се соочува државата за задржување на својата високо образована работна сила и заштита на економските интереси на земјата.

Препораките дадени во овој извештај се однесуваат на активностите кои МОН и Владата, кои треба да ги преземат со цел отстранување на причините од утврдените неправилности, утврдени состојби или потенцијални ризици прикажани во извештајот.

 

За наведената ревизија од страна на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија до Државниот завод за ревизија во писмена форма е доставено Мислење по однос на Нацрт извештајот и потврдување на наодите, заклучоците и препораките. Воедно не известуваат дека Извештајот ќе биде сериозно земен во предвид при креирање на политиките за спречување на одливот на високо образовните кадри.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]