dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Автопатот Кичево-Охрид, најголема инфраструктурна инвестиција со “децениска“ изградба

08.02.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

 

Скопје, 08.02.2024 година

Автопатот Кичево-Охрид, најголема инфраструктурна инвестиција со “децениска“ изградба

 

И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево -Охрид не е изградена

 

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за државни патишта, за 2022 година.

Најголемиот дел од материјалните средства на ЈП за државни патишта или 46% од нив (55.048.838 илјади денари), се материјални средства во подготовка, кои се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.

За дел од овие средства со ревизијата се утврди недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците.

 

При тоа, поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години. Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид.

Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 km, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), односно за изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра.

Следни делници по големина се: надградбата и развојот на патот - Ранковце - Крива Паланка, со инвестирани средства во вкупен износ од 2.774.354 илјади денари (приближно 45 милиони евра) и должина од 25,5 km, додека според цената на чинење за 1 km следна по големина е автопатската делница Скопје – Блаце со износ од 362.978 илјади денари (приближно 5,9 милиони евра).

Со најниска цена на чинење е регионалниот пат, делница Извор – Гарски мост (патен правец Дебар - Кичево), чија должина е 19 km, при што за изградба на 1 km од делницата инвестирани се 30.152 илјади денари (приближно 489 илјади евра).

Со ревизијата е утврдено дека, 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од  14.430.650 илјади денари (приближно 234 милиони евра), иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признати како недвижности. Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотно – правни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта кои не се предадени на општините, изградена и непредадена автопатската делница Демир Капија-Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година.

Констатирани се и состојби кои претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост. Имено, во периодот од 2015 до 2022 година направени се вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во вкупен износ од 1.924.211 илјади денари (приближно 31 милиони евра), за кои поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност.

Со извршениот увид во деловните книги на претпријатието утврдено е дека 96% од градежните објекти или 61.303.043 илјади денари, претставуваат линиски инфраструктурни објекти, при што истите не се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти во Агенцијата за катастар на недвижности, поради тешкотиите во обезбедувањето на одобренија за употреба од Министерството за транспорт и врски. 

Проектите кои се реализирани, како и оние чија реализација е во тек се финансирани од сопствени средства и средства кои се обезбедени од повеќе кредитни линии, врз основа на склучени договори за заеми со меѓународни финансиски институции, а во согласност со одредбите од донесени закони за задолжување.

 

Графикон 1

Во мај 2014 година започнала изградбата на патната делница Кичево – Охрид. За таа цел во јануари 2014 година, склучен е договор за заем  помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

Фотографија 2

Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.

Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

До денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.

Фотографија 3

Во извештај е наведено дека, откако ревизорите утврдиле неправилно пресметана даночна основа и помалку пресметан и уплатен данок од добивка за 2022 година во Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 27.525 илјади денари, од страна на ЈП за државни патишта преземени се активности за надминување на состојбата по тој основ и на крајот на 2023 година износот е целосно уплатен на трезорската сметка.   

Уплатените средства на сметката на ЈП за државни патишта по основ на надоместок за патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно се трансферираат до општините. Имајќи го во предвид вкупниот приход по овој основ во периодот 2016 – 2022 година,  ревизорите утврдиле дека за 63% помалку се распределени средства по општините, односно не се распределени 3.580.588 илјади денари или приближно 58 милиони евра.  

Графикон 4

Со извршената ревизија е утврдено дека електронскиот систем за наплата на патарините е функционален во текот на цела година кај 7 наплатни станици, во последните шест месеци од 2022 година уште кај 2 наплатни станици, а 5 наплатни станици немаат воспоставена електронска наплата на патарина. При тоа со анализа е констатирано дека во просек само 13% од вкупно остварените приходи од патарини во 2022 година се со примена на електронска наплата преку користење на смарт картица и уред М – таг. Најголема примена на системот е забележана кај наплатната станица Гевгелија од 29%, додека најмала е примената кај наплатната станица Преод од 13%. Имајќи во предвид дека со користењето на електронската картица и уред М – таг за наплата на патарините, се обезбедува подобрена и ефикасна услуга за нивна наплата, со што се овозможува функционирање на унифициран и целосно интероперабилен систем за патарина на автопатите низ државата, со ревизијата е укажано на потребата од поголема промоција на можноста за нејзина употреба.

Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

Прес  контакт:

 

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72 228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]