dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Историјат

23.03.2023

Историјат на ДЗР

Почеток

1991-1997

Во периодот од 1991 до 1998 година, во Република Македонија државната ревизија ја врши Дирекцијата за економско-финансиска ревизија, во рамките на Службата за општествено книговодство (трансформирана во Завод за платен промет во 1994 година). Во овој период, покрај вршењето ревизија, вработените биле вклучени и во вршење на проценка на претпријатијата со општествен капитал за целите и во рамките на приватизацијата на општествениот капитал. На 1 февруари 1999 година девет вработени од Дирекцијата за економско-финансиска ревизија преминуваат во новоформираниот Државен завод за ревизија.

Прв закон за ревизија

1997-1998

Првиот Закон за државна ревизија е донесен во 1997 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/97). Со овој Закон се дефинира делокругот на државната ревизија, се уредуваат условите и начинот на вршење на ревизија на јавните расходи, финансиските извештаи и финансиските трансакции и други прашања во врска со ревизијата на државните органи, единиците на локалната самоуправа, правните лица кои во целост или делумно се финансираат од Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа и буџетите на фондовите, правните лица во кои државата е доминантен акционер, јавните претпријатија, Народната банка на Република Македонија, Заводот за платен промет, агенциите и други институции основани со закон. 

Први ревизии

1998-2000

Првите ревизии се извршени во текот на 1998 и 1999 година, а првиот Годишен извештај за извршените ревизии и работењето на Државниот завод за ревизија е поднесен до Собранието на Република Македонија во 2000 година.

Усогласување со стандардите

2000-2005

Во следните години Законот неколку пати се менува и дополнува со цел да се инкорпорираат основните начела на Декларацијата од Лима и да се усогласи со стандардите и практиките на Европската Унија. Исто така, се прошируваат надлежностите на Државниот завод за ревизија со нов предмет и субјекти на ревизија (фондовите на ЕУ и политичките партии), а како важен критериум при изборот на ревизиите во годишната програма се воведува потенцијалниот ризик кај субјектите. 

Тематски ревизии

2005-2016

Покрај ревизија на регуларност (ревизија на финансиски извештаи со ревизија на усогласеност), од 2005 година Државниот завод за ревизија врши и ревизија на успешност, а од 2016 година започна да врши и ревизии за следење на дадените препораки (follow-up) и тематски ревизии. 

Зајакнување на независноста

2010-2023

Со измените на Законот во мај 2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2010 и 145/2010) се обезбеди зајакнување на оперативната и финансиската независност на Државниот завод за ревизија и постигнување на поголема ефективност и ефикасност во извршувањето на државната ревизија. Исто така, со овој Закон се изврши и усогласување со Декларацијата од Лима и Декларацијата од Мексико за независност на врховните ревизорски институции и се овозможи зајакнување на местото и улогата на Државниот завод за ревизија како врховна ревизорска институција на Република Северна Македонија.