dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Работна средба со Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир

25.01.2024

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми остварија работна средба со Амбасадорот и шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.

Во присуство на г. Хавиер Кастиљо Алварез, програмски менаџер на ЕУ делегацијата во нашата држава и соработниците на Главниот државен ревизор, на состанокот беа дискутирани најновите случувања во врска со предлогот на новиот Закон за државна ревизија, местоположбата на Државниот завод за ревизија и статусот на нејзините вработени во рамките на новиот Закон за административни службеници, како и следните чекори во процесот на пристапни преговори од значење за ДЗР, содржани во Скрининг извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија.

Изразувајќи благодарност до Амбасадорот Дејвид Гир за поддршка од ЕУ за Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор ја истакна уште еднаш потребата од конкретизирање на таа поддршка во насока на обезбедување на поголема оперативна и функционална независност на ДЗР, а воедно и вреднување на трудот, вложувањата и придонесот кон заштита на јавниот интерес на вработените во неа.

Од друга страна, Амбасадорот Гир оценувајќи го ДЗР како една од ретките институции во државата која квалитетно и професионално ја извршува својата работа во рамки на своите законски надлежности, а воедно е пример за многу институции како во земјата и пошироко, ја истакна неговата безрезервна поддршка и подготвеност за продлабочување на соработката во иднина, со цел ДЗР да постигне ефективна оперативна и финансиска независност, предвидена со новиот предлог Закон за државна ревизија.