dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Главниот државен ревизор на работна посета во Република Ерменија

24.09.2023

Изминатите денови, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски заедно со своите соработници, како и директорката на Управата за јавни приходи, г-ѓа Сања Лукаревска, беа на работна посета во  Република Ерменија, во чии рамки остварија средби со високи претставници на УНДП во Ерменија, на Комората за ревизија, како и средби со претставниците на Народното собрание и  Комитетот за државни приходи.


На средбата со претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Ерменија, г. Натија Нацвлишвили, беа разменети мислења и искуства во однос на институционалната поставеност, државната ревизија и јавните приходи, дигитализацијата и начинот на кој преку меѓународна соработка може да се придонесе кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и отчетноста на јавните институции.

Исто така, беа запознаени и со различните иновативни решенија, од тимот од ерменската национална иновативна лабораторија на УНДП, кои во соработка со институциите во Ерменија ги имплементираат, особено во областа на оданочувањето.

Главниот државен ревизор, г. Ацевски оствари билатерална средба со претседателот на Комората за ревизија, г. Атом Џанџугазјан, на која претставниците на двете институции покажаа подготвеност и желба за воспоставување и развивање на соработка во иднина. На средбата, двете институции презентираа за нивниот развој и поставеноста, успесите и напредокот низ годините, развојните перспективи и предизвиците со кои се соочуваат.

На крајот од средбата, претставниците на двете Врховни ревизорски институции изразија подготвеност за интензивирање на идна заедничка соработка од взаемен интерес со цел професионален развој на капацитетите на двете институции и размена на искуства и добри практики.

Во рамките на оваа посета, претставниците на ДЗР и УЈП имаа можност поконкретно да бидат запознаени со работата на Народното собрание на Ерменија и на Постојаната комисија за финансиско – кредитни и буџетски прашања, но исто така се оствари средба и со претставници на Комитетот за државни приходи во која беа споделени искуствата и најдобрите практики кои ги имплементираат двете даночни администрации.

Оваа работна посета, во духот на склучениот Меморандум за разбирање и успешната долгогодишна соработка, беше во организација и со поддршка на УНДП.