dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Втор билатерален состанок во Република Србија

20.04.2023
Слика
Делегација на ДЗР во посета на ВРИ на Србија

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заедно со соработниците, од 18-19 април 2023 година, престојуваа во дводневна посета во Државната ревизорска институција на Република Србија.

Паралелната ревизија на успешност на тема поврзана со подготвеноста на двете земји за имплементација на Целите за одржлив развој до 2030 година, беше во фокусот на вториот билатерален состанок на Врховните ревизорски институции на Република Северна Македонија и Република Србија.

Главните државни ревизори на двете институции во нивните воведни обраќања уште еднаш го потенцираа нивното задоволство и подготвеноста за интензивирање на соработката преку размена на информации и искуства, во интерес на натамошно унапредување на надворешната ревизија и подобрување на управувањето со јавните средства, а особено преку паралелната ревизија чиј фокус е имплементацијата на Целите за одржлив развој до 2030 година, се очекува да се даде придонес за економски, социјален и еколошки одржлив развој во општеството.

Ревизорските тимови на двете врховни ревизорски институции презентираа за текот на националните ревизии, и разменија информации за спроведените активности во фазата на планирање на ревизијата.

Ревизорите разговараа за нормативната уреденост, опфатот, методолошкиот пристап, како и за поставените цели и очекувањата од ревизијата, односно:

  • до кој степен националната правна и стратешка рамка e  усогласена со Агендата 2030,
  • дали институционалната поставеност и системот за координација обезбедуваат ефективна имплементација на Агендата 2030 и
  • дали е воспоставен ефикасен и транспарентен систем за следење и известување за  напредокот  во спроведувањето на Агендата 2030.

Учесниците на работниот состанок разговараа и ги дефинираа идните активности за спроведување на паралелната ревизија.