dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Утврдени неправилности во работењето на АД ЕСМ Скопје

01.04.2022
Слика
Електрани на РСМ

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми-

Скопје, 01.04.2022 година

Утврдени неправилности во работењето на АД ЕСМ Скопје

Ревизорите утврдиле дека, во периодот од 2011 до 2020 година,  значителен износ на финансиски средства се инвестирани во проекти кои не се завршени и опрема којашто не е ставена во употреба

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост Скопје (АД ЕСМ Скопје), за 2020 година, согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година.

Ревизорите со извршената ревизија констатирале дека во периодот од 2011 до 2020 година значителен износ на финансиски средства се инвестирани во проекти кои не се завршени и опрема којашто не е ставена во употреба. За реализација на проектите и набавките склучени се договори и исплатени вкупно средства во износ 1,3 милијарди денари или околу 21,5 милиони евра. Овие проекти и набавки  се однесуваат на:

  • имплементирање на Интегриран компјутеризиран деловен информациски систем – БИС,  
  • обезбедување опрема за подобрување на телекомуникациите и мрежувањето,
  • обезбедување на стоки од „системот за следење на движење и мерење на количините на јаглен и мерење на активности на придружна  механизација за ПЕ Рудници во РЕК Битола‘‘,
  • ХЕ Бошков Мост - изградба на брана и формирање на акумулација,
  •  Луково Поле - подготовка на предлог проект за обновлива енергија,
  • изградба на нов административен објект – Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје,
  • реконструкцијата и доградбата на фасада за управна зграда на ЕВН Македонија АД и АД ЕСМ Скопје и
  • други расходи кои се однесуваат на консултантски услуги, мислења за физибилити студии и други испитувања, кои не биле искористени за реализација на конкретни проекти.

Во однос на проектот за модернизацијата на Блок 1 во РЕК Битола ревизорите утврдиле дека проектот не е реализиран и истиот во периодот од 2011 година до периодот на издавање на извештајот предизвикал непродуктивни расходи во вкупен износ од 1.296.211 илјади денари (околу 21 милиони евра).  Најголем дел од расходите или 55% претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци кои произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39% од расходите се по основ на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6% платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект.

Ревизорите утврдиле дека извршениот попис на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Меѓу другото, тие констатирале дека подолг временски период постои количинска неусогласеност од 2.505.956 kg, меѓу мазутот евидентиран во сметководствената евиденција и истиот прикажан во пописните листи или вредносно искажано таа разлика изнесува 62.650 илјади денари (пресметано по просечни цени на 31.12.2020 година).

Во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 56% од вкупната вредност на материјални средства на друштвото, при што АД ЕСМ Скопје иако располага со имотни листови, поради недостаток на детални и точни податоци во деловните книги, ревизорите не биле во можност да ја потврдат нивната комплетност, површина и сопственост. За земјиштето кое со одлука на Владата на РСМ е доделено на трајно користење и на кое се гради нов административен објект - Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје не е започната постапка за обезбедување на имотен лист.  

Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки меѓу другото во делот на утврдување на проценетата вредност на набавките, докажување на бараната способност со постапката и содржината на техничката спецификација. Имајќи во предвид дека АД ЕСМ Скопје нема обврска да ги применува одредбите од законот во случај кога предмет на набавка е енергија или гориво за производство на енергија, за транспарентно спроведување на овие набавки, објавува јавен повик. Ревизорите укажуваат на потребата од донесување на процедура за начинот на планирање и спроведување на јавните повици за набавка на гориво за производство на електрична енергија.

Несоодветно воспоставената евиденција на резервирања за рекултивација на деградирано земјиште и нивното анулирање влијае на двојно прикажување на расходи во претходниот период, како и погрешно прикажување на приход од резервирања во 2020 година.

Во објавениот ревизорски извештај се утврдени слабости и во делот на воспоставените внатрешните контроли во процесот на управување и работа на ИТ системот, при што истите не се во согласност со меѓународните стандарди за ИТ безбедност и најдобри пракси и претставуваат ризик по функционирањето на системот.

Во делот Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ревизијата ги истакнува прашањата кое се однесува на:

  • Потребата од обезбедување дозвола за усогласување со оперативен план за термоелектраната РЕК Битола, како услов за нејзина работата и контрола на емисиите од сулфур диоксид и прашина кои произлегуваат од активноста која ја врши. Притоа, ревизорите укажуваат дека во периодот 2019 – август 2021 година измерените емисии од сулфур диоксид и прашина во континуитет се над дозволените гранични вредности, што влијае на квалитетот на животната средина, како и здравјето на граѓаните.
  • Потребата од набавка на градежен објект и земјиште во централното подрачје на Скопје со вкупна вредност од 123.787 илјади денари (без вклучено ДДВ), ако се има во предвид дека од 2013 година започнати се активности за изградба на нова административна зграда во која треба да биде сместена дирекцијата на АД ЕСМ Скопје, а и реновирањето на фасадата на постојната административна зграда е откажано.
  • Преиспитување на одлуките донесени за финансирање на активности кои не се во дејноста на друштвото, како што се дадените заеми на субјекти во вкупен износ од 134,7 милиони денари, поради нивното влијание врз работењето на друштвото, неговата ликвидност и профитабилност.  
  • Обелоденување на можните идни планови за „Попова Шапка –Тетово“ која е подружницата во рамките на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, во насока и нејзино давање под концесија, јавно приватно партнерство или продажба. Целта на овие планови е подобрување на условите во ски-центарот, сместувачките капацитети и развој на туризам, како и финансиската состојба на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје. Ревизијата укажува на тоа дека при носењето на одлуки да се земат во предвид досегашните дадени заеми на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, како и значителните инвестирања во периодот од 2012 до 2020 година.
  • Посебен осврт во извештајот е даден за опишување на состојбата во РСМ во однос на можните извори за производство на електрична енергија, улогата на АД ЕСМ Скопје во енергетскиот систем во државата, приходите кои ги остварува од продажбата на електрична енергија, проблемите со кои се соочува во однос на резервите со јаглен и понудената цена за електричната енергија на универзалниот снабдувач.

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72 228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]