Соработка со надлежните органи

 

Основни корисници на резултатите од работата на ДЗР се Собранието на РМ, Владата на РМ и другите надлежни институции од јавниот сектор.
Во комуникацијата со корисниците на резултатите од неговата работа, ДЗР има за задача да обезбеди навремени информации.
Комуникацијата со Собранието на Република Македонија е оценета како особено важна.
Ова, меѓу другото, заради тоа што поради поставеноста на Државниот завод за ревизија на Република Македонија според вестминстерскиот модел, Државниот завод за ревизија за своето работење го известува Собранието на Република Македонија.
Мисијата на ДЗР, дефинирана со Стратегијата за развој на ДЗР, е навремено и објективно информирање на Собранието, како и Владата, другите носители на јавни функции и јавноста за ревизорските наоди од спроведените ревизии.
Исто така, мисија на ДЗР е и да обезбедува поддршка на Собранието на РМ во исполнувањето на неговите надлежности преку идентификацијата и презентацијата на неправилностите, случаите на противзаконско работење, и можни случаи на корупција и злоупотреба на функцијата.
Соработката помеѓу ДЗР и Собранието на РМ се одвива во континуитет во повеќе насоки и се реализира преку следните форми утврдени до Законот за државната ревизија:

  • ДЗР доставува годишна програма за работа до Собранието заради информирање;
  • ДЗР доставува годишен извештај за работењето до Собранието на разгледување, а Собранието донесува заклучоци по истиот;
  • ДЗР доставува конечни ревизорски извештаи до Собранието.

 

Согласно Законот за државна ревизија, главниот државен ревизор до Владата на РМ ги доставува ревизорските извештаи на субјектите каj кои Владата е надлежен орган за надзор.
Во Владата на Република Македонија е формирано и посебно тело надлежно за разгледување на овие извештаи и предлагање мерки и активности за успешна имплементација на препораките дадени од страна на ревизорите во ревизорските извештаи.
Имено, Владата на Република Македонија образуваше Ревизорски комитет како постојано стручно тело.
Согласно Деловникот за работа на Владата на Република Македонија, Ревизорскиот комитет особено ги разгледува ревизорските извештаи за Буџетот на Република Македонија, за министерствата и другите органи на државната управа, за буџетите на фондовите, за јавните претпријатија основани со закон и за јавните установи основани од Владата и извештаите на министерствата и на другите органи на државната управа за преземените мерки за надминување на утврдените неправилности во ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија.
Со Деловникот за работа на Владата на Република Македонија е уредено дека Ревизорскиот комитет и поднесува писмени извештаи на Владата, со мислења и предлози за преземените мерки во врска со наодите во ревизорските извештаи, а генералниот секретар на Владата на Република Македонија го известува Државниот завод за ревизија за заклучоците на Владата за преземените мерки од субјектите кај кои е извршена ревизијата во врска со наодите во ревизорските извештаи.

 

Државниот завод за ревизија е должен до Министерството за финансии да го достави секој ревизорски извештај во кој се констатирани наоди од областа на финансиите.
Државниот завод за ревизија и Министерството за финансии во рамки на Протоколот за соработка склучен на 20.10.2006 год. соработуваат во областа на системот на финансиски менаџмент и контрола, внатрешната ревизија во јавниот сектор и државната ревизија со цел успешно извршување на нивните функции во јакнење на системот на управување и контрола на јавните средства и обезбедување високо ниво на компетентност на двете институции во извршувањето на ревизиите.

 

Согласно членот 35 од Законот за државната ревизија, доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи.
Органи надлежни за поведување постапки по ревизорските извештаи се: Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи.
Соработката со овие органи се одвива  во согласност со овластувањата и обврските утврдени со Законот за државната ревизија, Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување судир на интереси, Законот за јавното обвинителство, Изборниот законик и со другите закони и подзаконски акти.
Во рамките на соработката со овие органи, ДЗР континуирано обезбедува:

доставување ревизорски извештаи, информации и материјали за наоди што иницираат активности од надлежност на Државната комисија за спречување на  корупцијата, Јавното обвинителство на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи и обратно;
одговарање и доставување на информации и материјали за извршени ревизии по барање на овие органи, и
обезбедување повратни информации од овие органи по претходно доставените информации, материјали и ревизорски извештаи.

Државниот завод за ревизија активно соработува со сите надлежни државни органи во насока на спречување и намалување на корупцијата и судирот на интереси. Потписник е и на Протоколот за соработка за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси, потпишан на 25.12.2007 год., помеѓу Државната комисија за спречување на корупцијата, Управата за јавни приходи, Јавното обвинителство на Република Македонија, Државното правобранителство на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за ревизија, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари и Државниот завод за геодетски работи.
Исто така, Државниот завод за ревизија учествуваше во подготовката на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и Државната програма за превенција и намалување на појавата на судир на интереси со Акционен план за периодот 2011 – 2015 година, а со свој претставник учествува и во работата на Меѓуресорското тело за спречување на корупцијата.
Државниот завод за ревизија учествува и во реализацијата на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија преку активностите предвидени во Поглавје 3.23 Правосудство и фундаментални права, Подрачје – Антикорупциска политика и Поглавје 3.32 Финансиска контрола, Подрачје – Надворешна ревизија.
 

 

Во текот на октомври 2011 година, Државниот завод за ревизија склучи Меморандум за соработка со Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.
Меморандумот ја дефинира соработката помеѓу двете институции од аспект на размена на податоци, стручна помош, реализација на заеднички обуки и друго.
 

 

Државниот завод за ревизија соработува со меѓународните организации на врховните ревизорски институции и со врховни ревизорски институции на други земји во извршување на државната ревизија.
Оваа соработка има за цел:

размена на знаењата, искуствата, методолошки материјали, документи и информации со други врховни ревизорски институции, регионални работни групи (ЕУРОСАИ и други), професионални организации и здруженија;
усогласување на методологијата на работата во рамките на меѓународно прифатените ревизорски стандарди;
следење на современите пракси за развој на ревизорската професија;
информирање за активностите, резултатите и ефектите од работата на ДЗР во меѓународните форуми, и
придонес за угледот и градењето на имиџот на ДЗР кај другите ВРИ и кај други ревизорски здруженија во Европа и светот.
 

ДЗР е член на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции (ИНТОСАИ)  од 2001 година и на Европската организација на врховните ревизорски институции (ЕУРОСАИ) од 2002 година.
Покрај тоа од 2002 година, односно од 2005 година ДЗР е член и на работната група за животна средина и на работната група за информатичка технологија на ЕУРОСАИ.
Од 2005 година ДЗР е активен член на мрежата на ВРИ на земјите кандидати и потенцијални кандидати за прием во Европската унија и Европскиот суд на ревизори од Луксембург. ДЗР соработува со Европскиот суд на ревизори и по основ на програмата за стажирање во Судот која им се нуди на помладите ревизори од ВРИ на земјите кандидати за членство во Европска унија.
ДЗР развива и одржува билатерална и мултилатерална соработка со други ВРИ, меѓународни организации и институции со цел размена на искуства и стекнување на нови знаења од областа на ревизијата на јавниотсектор.
Во рамки на оваа соработка беа реализирани, односно се наоѓаат во фаза на имплементација повеќе проекти.
Во периодот од 2003-2005 година беше реализиран Проектот на Светска банка за развој на ДЗР, во рамки на кој консултанти на Светска банка изготвија материјали за обука и други прирачници, упатства и насоки со цел понатамошно усогласување на работењето на ДЗР со меѓународните стандарди. Во рамки на проектот беше подготвен прирачник за ревизија на успешност, програма за споделување на искуство и знаење и беше спроведена обука и организирани студиски патувања за вработените во ДЗР.
Во периодот од 2005-2008 година Холандскиот суд за ревизија беше вклучен во твининг проект финансиран преку Холандската билатерална развојна поддршка (ODA), со цел да обезбеди подобрување на праксата и примена на методологија при извршување на ревизиите согласно добрата пракса и искуствата од ХСР во четири компоненти: правна рамка; градење на организациски и административни капацитети; подобрување на вештините на ревизорите, како и ИТ и ИТ ревизија.
Во рамки на втората компонента на твининг проектот, а на барање на ДЗР, во март 2007 година беше извршен Peer Review од страна на Врховната ревизорска институција на Сојузна Република Германија (Bundesrechnungshof). Peer Review –то обезбеди независно и професионално мислење за постигнатиот развој на ДЗР и со тоа претставува основа за продолжување на напорите на ДЗР за обезбедување статус на модерна, независна и ефективна врховна ревизорска институција.
Размената на добрите пракси со Холандскиот суд за ревизија продолжи понатаму во рамки на МАТРА Пред-пристапен проект, кој започна со имплементација во почетокот на 2009 година и траеше до крајот на 2010 година, со цел усвојување нови знаења и унапредување на работата на ДЗР.
Во тек е имплементација на нов проект за соработка со Холанскиот суд за ревизија, кој започне да се реализира во првата половина на 2012 година. Проектот е насочен кон воспоставување на професионално оддржливи и ефективни релации меѓу ДЗР и Собранието на Република Македонија. Проектот вклучува повеќе активности, меѓу кои изработка на прирачник со практични совети за користење на ревизорските извештаи наменет за пратениците, организација на работилница за утврдување на неговата примена заедно со пратениците, како и презентација на добрата практика на други Врховни ревизорски институции (ВРИ) во однос на соработката со Парламентот.
ДЗР остварува редовна соработка и со СИГМА и Европската комисија во рамките на годишните оценски мисии за функционирањето на финансиската контрола во РепубликаМакедонија.