dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Историјат

Во Република Македонија, во периодот од 1991 до 1998 година, државната ревизија била организирана како Дирекција за економско - финансиска ревизија, во рамките на Службата за општествено книговодство, подоцна Завод за платен промет. Во овој период, покрај вршењето ревизија, вработените биле вклучени и во вршење на проценка на претпријатијата со општествен капитал за целите и во рамките на приватизацијата на општествениот капитал.

По трансформацијата на Службата за општествено книговодство во Завод за платен промет во 1994 година, активностите на ревизија ги врши Дирекцијата за економско -  финансиска ревизија до 31.01.1999 година кога вработените од Дирекцијата за економско - финансиска ревизија при Заводот за платен промет преминале во Државниот завод за ревизија.

Првиот Закон за државна ревизија бил донесен во 1997 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/97). Со овој Закон се дефинираат делокругот на државната ревизија, се уредуваат условите и начинот за вршење на државната ревизија на државните расходи, финансиските извештаи и финансиските трансакции и други прашања во врска со ревизијата на државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, правните лица кои во целост или делумно се финансираат од Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа и буџетите на фондовите, правните лица во кои државата е доминантен акционер, јавните претпријатија, Народната банка на Република Македонија, Заводот за платен промет, фондовите, агенциите и другите институции основани со закон.

Во наредните години овој Закон бил неколку пати дополнуван, со цел да се инкорпорираат основните начела на Лима декларацијата и да се доближи до стандардите и праксата на Европската Унија. Во овој контекст надлежностите на Државниот завод за ревизија се проширени со нов предмет и субјекти на ревизија (фондовите на ЕУ и политичките партии), а како важен критериум при изборот на ревизиите во годишната програма е воведен потенцијалниот ризик на субјектите.

Државниот завод за ревизија започнал да функционира во почетокот на 1999 година, со девет вработени, преземени од Дирекцијата за економско - финансиска ревизија во поранешниот Завод за платен промет.

Првите ревизии биле направени во текот на 1998/99 година, а првиот Годишен извештај за работењето на Државниот завод за ревизија и извршените ревизии бил поднесен до Собранието на Република Македонија во 2000-та година.

Покрај ревизијата на регуларност (финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеност), од 2005 година Државниот завод за ревизија врши и ревизија на успешност, а од поново време и ревизии за следење на дадените препораки и тематски ревизии.

Новиот Закон за државната ревизија е донесен во мај 2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2010 и 145/2010). Законот е во функција на зајакнување на оперативната и финансиската независност на Државниот завод за ревизија и постигнување на поголема ефективност и ефикасност во извршување на државната ревизија. Исто така, новиот Закон значи и усогласување со Лима декларацијата на водечките упатства за принципите на ревизијата и Мексико декларацијата за независност на врховните ревизорски институции. Со донесувањето на овој Закон се овозможува зајакнување на местото и улогата на Државниот завод за ревизија, како врховна ревизорска институција на Република Македонија, надлежна за вршење на државната ревизија и независна во своето работење. Всушност, новиот Закон значи целосно усогласување со меѓународните стандарди, европската регулатива и најдобрата меѓународна пракса.

 


 

 

22.07.2022