dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Исплатени 183 милиони евра за ублажување на кризата

07.09.2022
Слика
Буџет на РСМ - 2021

  ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми-          

Скопје, 07.09.2022 година

                                                 

За ублажување на последиците од здравствената и енергетската криза исплатени 183 милиони евра

Преку програмата П1,  Владата на РСМ исплатила средства во износ од над 11 милијарди денари за справување со последиците од ковид пандемијата, како и за надминување на кризната состојба со снабдување со електричната енергија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија, со која се опфати подготовката, донесувањето, управувањето и извршувањето на Буџетот на РСМ за 2021 година.

Буџетот за 2021 година изнесуваше приближно 196 милијарди денари, што во однос на 2020 година претставува намалување за 3,78%. Со донесениот ребаланс во јули, извршено е зголемување од 9% на приходната и расходната страна на државниот буџет.

Во 2021 година продолжи спроведувањето на активностите од петтиот и шестиот сет на мерки за олеснување на последиците од пандемијата на вирусот Ковид-19, реализирани преку програмата П1 - Мерки за справување со Ковид-19 кризата, со која се исплатија средства во износ од над 11 милијарди денари.

Правните субјекти и физичките лица погодени од пандемијата се подржани со средства од Буџетот на РСМ, со цел обезбедување одржливост на домашната економија. Најголем дел од средства од програмата П1 односно 47%, се искористија за надминување на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија во РСМ.

Буџетскиот дефицит во 2021 година изнесуваше 5,4% од БДП и истиот е над проектираниот процент од 3,2% предвиден во Фискалната стратегија за 2021-2023, односно 0,5% над проектираниот процент од 4,9% предвиден во ревидираната Фискална стратегија за 2021-2025.

Проектираното зголемување на буџетскиот дефицит е резултат на непредвидливоста и ризиците поврзани со времетраењето на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз економијата во целина во непредвидливи услови, како и реализираните пакети економски мерки.

Макроекономските индикатори укажуваат дека и покрај намалувањето на буџетскиот дефицит за 2,8% во 2021 година во однос на 2020 година, влијанието на здравствено економската криза сеуште го задржува дефицитот на повисоко ниво во однос на претходните години, прикажано на следниот графикон:

Фото 1

            Извор: Министерство за финансии

Во 2021 година, буџетскиот дефицит, како и отплатите на долгот, се финансираа со средства  обезбедени преку задолжување од странски и домашни извори.

Вкупните приливи од надворешно задолжување изнесуваат приближно 57,6 милијарди денари и истите се незначително помали во однос на 2020 година. Од нив 42,5 милијарди денари или 74% се приливи од издадена државна хартија од вредност на меѓународниот пазар на капитал- еврообврзница на РСМ.

Во однос на домашниот пазар на хартии од вредност, во 2021 година по основ на задолжување во земјата евидентирани се приливи во вкупен износ од 23 милијарди денари, што е за 46% помалку во однос на 2020 година, поради тоа што во 2021 година не е извршено задолжување на државата со краткорочен заем кај домашни банки, а остварени се и помалку приливи од издадени државни обврзници.

Средствата за финансирање на Судската власт се одобрени во износ од околу 2 милијарди денари што претставува 0,3% од БДП и е 60% помал од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 574 милиони денари претставува 0,18% од средствата на Буџетот на РСМ за 2021 година, што е под 50% од законски утврдениот лимит.

Вкупните приходи и приливи во Основниот буџет на РСМ за 2021 година се остварени во износ од приближно 227 милијарди денари, односно за 5% повеќе во однос на 2020 година. Најголемо учество од 54% во вкупните приходи имаат даночните приходи, кои се реализирани за над 17% повеќе во однос на 2020 година.

Со анализата на даночните приходи за период 2017-2021 година, ревизорите констатираа перманентен раст од година во година, додека од аспект на нивното учеството во вкупните приходи на Основниот буџет, констатирано е перманентно намалување, од 71% во 2017 година на 54% во 2021 година.

Ревизорите во насока на зголемување на степенот на наплата на јавните давачки, укажаа на потребата од зголемување на бројот на контроли, како и на бројот на даночните инспектори и даночните контролори, имајќи предвид дека ефектот од спроведените контроли резултира со зголемени приходи во Буџетот на РСМ.

Во однос на побарувањата и обврските за даноци, придонеси и други јавни давачки, во ревизорскиот извештај се нотира дека истите не се искажани во финансиските извештаи, што ја намалува транспарентноста при проекциите на Буџетот на РСМ.

Вкупните расходи и одливи на Основен буџет на РСМ за 2021 се извршени во износ од приближно 211 милијарди денари односно за 5% повеќе во однос на 2020 година.  Во структурата на извршените расходи и одливи на Основен буџет на РСМ за 2021 година, најголемо учество имаат расходите за отплата на главнина со 20%, тековните трансфери до вонбуџетските фондови со 19%, расходите за плати, наемнини и надоместоци со 14% и расходите за субвенции и трансфери со 13%.

Во рамки на одделните категории на извршени расходи и одливи, забележано е зголемување речиси кај сите расходи, при што најзначајно зголемување во проценти се забележува кај капиталните расходи за 50,55%, од кои најголем дел се однесуваат на плаќање на гаранции за надворешен долг, кај резервите и недефинираните расходи за 38,68% од кои во 2021 година се исплатија и средствата за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија заради справување со кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија, како и кај и расходите за стоки и услуги за 31,65% повеќе во однос на 2020 година. Намалување од само 7,46% е забележано кај расходите за субвенции и трансфери.

Во текот на 2021 година, од средствата кои не биле искористени за капитални расходи од буџетските корисници, прераспределени се средства во износ од над 1 милијарда денари, кои во најголем дел беа наменети за програмата П1 - Мерки за справување со КОВИД-19 кризата и  за надминување на  кризната состојба со електрична енергија во РСМ.

Во делот на тековните трансфери до вонбуџетски фондови, ревизијата утврди дека учеството на средствата од Основниот буџет на РСМ за покривање на тековниот дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на пензии во 2021 година изнесува 29% и во однос на 2020 година е зголемен за 3%. Структурата на изворите на средства за пензии сеуште укажува на потребата од финансиска поддршка на Фондот за исплата на пензиите во државата со средства од Буџетот на РСМ.

Исто така, ревизорите утврдиле дека јавниот долг на 31.12.2021 година изнесувал 7.135,3 милиони евра додека на 31.12.2020 година е во износ од 6.483,3 милиони евра, што укажува на зголемување во апсолутен износ од 652 милиони евра односно од 10%. И покрај зголемувањето на јавниот долг како апсолутен износ, состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2021 година изнесува 60,8% и е за 0,16% помал во однос на 2020 година, поради 5% пад на БДП во однос на претходната година.

Државниот долг на 31.12.2021 година изнесува 51,8% од БДП и нема значајни разлики во однос на 2020 година кога изнесуваше 51,9% од БДП.

 Јавниот долг во периодот 2011-2021 има континуиран тренд на зголемување како процент од БДП, кој значително е зголемен во последните две години како влијание на функционирањето на економијата во пандемски услови, прикажано на следниот графикон:

 

Фото 4

           Извор: Министерство за финансии

Од извршената анализа на извештаите за пријавени обврски заклучно со декември 2021 година, ревизијата констатира дека од вкупно 1.382 субјекти, во ЕСПЕО податоци имаат доставено 1.063 субјекти и тоа доспеани. Неплатените обврски се во износ од приближно 24 милијарди денари, што е за 36% повеќе во однос на 2020 година. Најголемо учество во вкупните обврски имаат јавните здравствени установи со 46%, како и општините со 18%.

Во ревизорскиот извештај се истакнува дека нема значајни промени во однос на финансиската нестабилност на општините во 2021 година, при што е констатирано дека во декември 2021 година, од вкупно 81 општина, 12 општините во РСМ работат и функционираат со блокирана сметка.

Ревизорите констатираа дека за 39% од вкупно пријавените обврски на општините односно за приближно 1,7 милијарди денари, доставени се налози за извршување во Министерството за финансии, од кои 75% се по основ на главнина, додека 25% или 425 милиони денари се по основ на камата и други трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините во услови кога реализацијата на приходите бележи тренд на намалување.

За извршената ревизија, Државниот завод за ревизија даде заклучок дека освен за одредени состојби истакнати во Конечниот ревизорски извештај, постапката на подготовка и донесување на Буџетот на РСМ се спроведува во согласност со законската регулатива, односно планирањето и извршувањето на расходите и другите одливи и планирањето и остварувањето на приходите и другите приливи се во согласност со износите и намената утврдена во одобрените буџети на одделните буџетски корисници. Истовремено, воспоставените контролни постапки на ИТ системите и евиденцијата во Трезорската сметка, овозможуваат спречување или откривање на грешки.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]