dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Нецелосни податоци за вратената финансиска поддршка

10.08.2022
Слика
Пандемија професии и вработување

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                               

 - Соопштение за медиуми-              

 Скопје, 10.08.2022 година

 

Нецелосни податоци за вратената финансиска поддршка по корисници на владините мерки

Како резултат на утврдената состојба се предизвикани намалени приходи во Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра

 

Ревизорите утврдиле дека институциите во РСМ не располагаат со целосни податоци по основ на вратена финансиска поддршка по корисници во утврдените рокови и износ во Буџетот на РСМ. Според анализата на ревизијата работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање, што има за ефект помалку вратени средства во Буџетот на РСМ во износ од 988.307 илјади денари.

 Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во Буџетот на РСМ во износ од 448.698 илјади денари. Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра.

Државниот завод за ревизија изврши ревизијата на успешност на тема “Преземени мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19 “ согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година.

Целта на извршената ревизијата е да даде одговор на прашањето: Дали мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза од Ковид-19 се ефикасно креирани, реализирани, контролирани, мониторирани и дали е обезбедено соодветно известување за ефектите од преземените мерки?“ во насока на зголемување на ефективноста на мерките и политиките за успешно справување со пандемијата од Ковид-19 и поддршка на работните места.

Со оваа ревизија на успешност опфатени се 36% од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П - Мерки за справување со Ковид-19 кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои  се реализирани 11.512.447 илјади денари.

Кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 предизвика губење на работните места во РСМ и големи загуби на приходите на работниците што има влијание на намалување на потрошувачката на стоки и услуги. Според податоците обезбедени од Агенција за вработување на РСМ од почетокот на пандемијата до 31.12.2020 година своите работни места ги изгубија вкупно 17.022 работници.

Основот на прекин е презентиран во следниот графички приказ:

Графикон бр.1 Прекин на работен однос според основ

                 

Истакнувајќи ја значајноста на донесените економски мерки за поддршка на работодавачите, физичките лица самостојни вршители на дејност и професиите, како и  нивното влијание врз ублажување на ефектите од пандемијата, со ревизијата е добиено разумно уверување дека креирањето на мерките е спроведено во отсуство на стратешко планирање со јасно дефинирани цели и индикатори за успешност.

Отсуството на пишани анализи и проценки при креирање на мерките за поддршка на вработувањето во процесот на одлучување, утврдените слабости и недоречености во уредбите со законска сила и донесените закони во кои се уредени условите, начинот и постапката за доделување влијаат врз ефикасноста на спроведувањето, следењето на реализацијата на мерките и зачувувањето на работните места. Нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле/не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и износ во Буџетот на РСМ има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во Буџетот на РСМ.

Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени/исплатени средства на корисниците кои се презентираат од различни надлежни институции. Постои отсуство на сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата на РСМ по мерки, како и неусогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на мерките што ја намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата и не создава услови за мерење на ефектите од истите.  

По спроведената реализација на мерките за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, УЈП има утврдено дека одреден број на работодавачи - корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените. Бројот на работодавачи кои не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари, што има за ефект ненаменско располагање со доделената финансиска поддршка.

Ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53% од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дел од работодавачите да искористиле средства од финансиска поддршка без исполнување на предвидени услови со уредбите и законите.

При претворање на финансиската поддршка како неповратен грант признавани се набавки за вообичаени деловни активности на корисникот кои не се предвидени како услов за неповратна поддршка, што се должи на тоа што со уредбата за финансиска поддршка за исплата на плати не е прецизно уредено кои набавки нема да бидат признаени.

Во услови на отсуство на сеопфатни анализи за мерење на ефектите од мерките врз зачувување на поддржаните работни места постои ризик од намалена отчетност, оценување на успешноста на мерките за финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање на придонеси, како и врз можноста од преземање на мерки за подобрувања во услови на потреба од креирање на нови мерки за поддршка на вработувањето.

Утврдените недостатоци и постигнатите ефекти од мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза од Ковид-19 укажуваат дека е потребно подобрување на ефикасноста на надлежните институции во планирањето и спроведувањето на идните мерки за зачувувањето на работните места и намалување на економските последици од пандемијата и тоа:

  • правно уредување на вонредна состојба и донесување на стратешки документи за справување со последиците во услови на пандемија;
  • планирањето и носењето на мерките да се темели на извршени анализи и дефинирани индикатори за мерење на успешноста на мерките;
  • воспоставување на сеопфатна и комплетна евиденција за одобрената и исплатена финансиска поддршка по мерки и усогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на истите;
  • водење на евиденција за вратена финансиска поддршка по корисници и мерки, и преземање на мерки за наплата на средствата по основ на издадени решенија за враќање на финансиската подршка во буџетот на РСМ;
  • зголемен опфат на спроведени контроли кај корисниците на финансиска поддршка и мерење на ефектите од спроведените мерки.

За справување со последиците од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, Владата на РСМ во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година има донесено шест пакети на економски мерки. Со ревизијата се опфатени планирањето и реализацијата на шесте пакети економски мерки донесени од Владата на РСМ во 2020 и 2021 година во делот на мерките за финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, финансиска поддршка за физички лица кои вршат самостојна дејност, паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза - поддршка за спортистите, самостојните уметници и културни работници.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]