dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Колку државните мерки ги ублажуваат климатските промени

04.07.2022
Слика
Климатски промени

  ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

  - Соопштение за медиуми-

Скопје, 04.07.2022 година

 

Колку државните мерки и политики може да помогнат во ублажување на климатските промени

 

 

Foto 1

Државниот завод за ревизија преку извршената ревизија на успешност на тема “Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени” се вклучи во редот на институции кои се залагаат за намалување на влијанието на климатските промени.

Целта беше да се одговори на прашањето: Дали во РСМ се воспоставени правни и институционални услови за имплементација на донесените мерки и политики кои се однесуваат на ублажување на климатските промени?“ 

Од спроведената ревизија се констатира дека воспоставената правна и институционална рамка во РСМ не ги обезбедува сите потребни услови за ефикасно и ефективно спроведување и следење на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени.

Донесени се голем број на стратешки, плански и програмски документи на национално и локално ниво, но дефинираните активности за ублажување на климатските промени во нив не се целосно имплементирани и не се следи нивната реализација.                    

Националниот комитет за климатски промени на РСМ формиран во 2003 година, коj треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесе кон интеграција на активностите во секторските политики, планови и мерки, во пракса не функционира, односно неговото постоење е од формална природа.

Ефект на стаклената градина
Ефект на стаклената градина

Не е воспоставен систем за инвентаризација на емисии на стакленички гасови, додека Национален инвентар на емисии на стакленички гасови е воспоставен од повеќе институции. Поради тоа не постои единствена база на податоци за емисија на стакленички гасови на едно место, што го отежнува нивното користење при изготвување на националните стратешки, плански и програмски документи за климатска акција.

Отсуствува функционална поврзаност и координација меѓу институциите на национално и локално ниво при спроведување на мерките и активностите за планирање на политиките за ублажување на климатските промени, како и нивно следење.

Недостатокот на финансиски, кадровски и технички ресурси, како битен предуслов за интеграцијата на климатските политики во сите сектори, дополнително придонесуваат да не се постигнат посакуваните ефекти за ублажување на климатските промени.

Во законските одредби недостасува јасна дефиниција за климатските финансии и климатско означување на буџетот, односно отсуствува систем на следење и потврдување на ефектите од направените јавни расходи за ублажување на климатските промени.

Во ревизорскиот извештај е прикажано финансирањето на активностите за намалување на влијание од климатските промени во неколку институции.

 Имено, во период 2017 – 2021 година, од 5% до 1.8% од  средствата на Програмата за инвестирање во животната средина при МЖСПП се искористени конкретно за изработка на план, стратегија и едукативни активности;
 

Foto 3

Согласно Законот за животната средина предвидено е:

  • надоместок за производство на енергија од фосилни горива и обврзниците за плаќање на истиот се должни да го уплаќаат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и
  • средствата собрани од овој надоместок треба да се користат за финансирање на програми и активности за управување со животната средина во однос на влијанијата од енергетскиот сектор.

За периодот 2018 - 2019 година од Владата на РСМ, донесени се две поединечни одлуки за распределба на средства остварени по основ на овој надоместок како наменски дотации на општините. Се утврди дека степенот на реализација на овие одлуки е 15% во 2019 година и 36% во 2021 година.

Во периодот 2017-2020 година, Владата на РСМ на предлог на Министерство за економија донела годишна Програма за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата со што биле обезбедени 242.700 илјади денари, а реализирани се вкупно 193.414 илјади денари.

Исто така има усвоено и Програма за финансиска поддршка на производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2019 година за што биле обезбедени 20.000 илјади денари. Заклучно со 2021 година објавени се 3 јавни огласи за доделување на договори за право на користење на премија, а склучени се 38 договори и пуштени во функција 6 фотоволтаични електроцентрали.

 

Во периодот 2014 - 2017 година за директно влијание на ублажување на климатските промени како меѓународна помош добиени се 114 милиони УСД од различни извори, додека во периодот од 2018 до 2019 година добиени се 25.1 милиони УСД ($).

 

Добиената финансиска поддршка во 2018 и 2019 година по извори на средства, изразена во илјади УСД е прикажана на следната слика:

Foto 4
Добиена финансиска поддршка

Со ревизијата беа опфатени институции кои директно или индиректно учествуваат во креирањето на мерки и политики за ублажување на климатските промени и тоа: Министерството  за  животна  средина  и  просторно планирање, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенција за енергетика, Единици на локална самоуправа,  Заедница на единиците на локалната самоуправа на РСМ, Македонска академија на науките и уметностите, Управата за хидрометеоролошки работи и една невладина организација.

За надминување на утврдените состојби, до надлежните институции ревизорите дадоа препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија и се во функција на подобрување на реализацијата на надлежностите на институциите во државата, со цел да се обезбеди додадена вредност во насока на ублажување на климатските промени во државата.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]