dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Приходите не ја покриваат исплатата на социјалните бенефиции

16.03.2022
Слика
Пензионери на прошетка

  ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
  - Соопштение за медиуми-
       

Скопје, 16.03.2022 година

 

Зголемените приходи на Фондот за ПИО не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции во 2020 година кои се одвојуваат од Буџетот на РСМ и учествуваат со 38,4% од вкупните приходи во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот) за 2020 година.

Со извршената ревизија за 2020 година ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2020 година

Ревизорите со извршената ревизија констатираат слабости во системот на интерни контроли во процесот на остварување на права од ПИО и исплата на пензиските примања, отсуство на целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените поради што не секогаш е обезбедено потврдување на внесените податоци и точност и навременост во постапката. Поради наведеното се зголемува ризикот од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право 

Во објавениот ревизорски извештај се утврдени слабости во делот на:

    • недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство поради што изостануваат актуарски анализи за состојбите во пензискиот систем, а перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија влијае на функционирање на информацискиот систем и ефективноста на системот за внатрешни контроли;
    • слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО;
    • нераспоредените средства на уплатната сметка од наплата придонес за ПИО поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО;
    • недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства;
    • евидентирани објекти за кои не постои веродостоен документ, нерасчистени имотно правни односи, како и неизвршеното излагање на објектите и упис во катастар на недвижности;

Клучни прашања на неизвесност и континуитет како и останати прашања;

    • неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија, како и континуирано вршење активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување;
    • зголемувањето на дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења и
    • воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој не се базира на целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите, што влијае на комплетноста на приходите, како и на ликвидноста на Фондот и одржливоста на пензискиот систем.

Ревизорскиот извештај упатува на структурата и нивото на остварени приходи, кои во 2020 година изнесуваат 77,68[1] милиони денари, прикажани во следниот графикон:

Графикот број 1


Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2020 година се зголемени за 10,5% во однос на претходната 2019 година и изнесуваат 46, 34[2] милиони денари, што претставува учество од 59,66% од вкупно остварените приходи. Сепак оствареното зголемување на приходите во 2020 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2020 година изнесуваат 76,80 милиони денари за вкупно 326.295 корисници на пензиски примања заклучно со декември 2020 година исплатите се за 5,6% повисоки во однос на 2019 година. 

Поради недостаток (дефицит) на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции во 2020 година од Буџетот на РСМ трансферирани се средства во висина од 29,85 милиони денари а учеството на овие средства во вкупните приходи на Фондот бележи зголемување во однос на 2019 година од 37% на 38,4%, од кои за покривање на дефицитот за исплата на пензии изнесува 28,7%.  

Графикон: Учество на трансферирани средства од Буџетот на РСМ во вкупните приходи

Графикон број 2


Ревизијата го истакнува влијанието на енергетската криза врз работење на голем број правни субјекти во нашата земја кое доведува до намалување на бројот на вработени лица што има влијание на намалување на износот на изворните приходи на Фондот кои се остварува од наплата на придонесите од вработени лица, како и влијанието на инфлацијата врз работењето на Фондот со оглед на законската обврска да се изврши усогласување на висината на пензиските примања со порастот на цените на мало.

Како резултат на наведеното, се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на висок дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ.

Потребно е Фондот и надлежните министерства да преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети  со координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат  намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот.

 

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]

[1] Вкупните приходи искажани во финансиските извештаи на Фондот за 2020 година изнесуваат 82.137.415 илјади денари и во истите е содржан пренесениот вишок на приходи од претходната година во износ од 4.454.780 илјади денари

[2] Во извештајот за Централен буџет на РСМ наведен е износ од 46,62 милиони денари. Разликата од 284, 45 милиони денари се јавува поради дозначување на средства по 31.12.2020 година поради што истите не се евидентирани во деловните книги на Фондот за 2020 година.