dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ЗНМ и ДЗР потпишаа Меморандум за соработка

12.02.2020
Слика
Младен Чадиковски и м-р Максим Ацевски

Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска потпишаа Меморандум за соработка, во кој централно место завзема блиската заемна соработка која треба да се интензивира во периодот кој следува.

Овој Меморандум има за цел градење на партнерски односи на Државниот завод за ревизија и медиумите, на начин кој ќе овозможи подобро и поквалитетно информирање на граѓаните за теми кои се од особен јавен интерес.

Во таа насока, главниот државен ревизор Максим Ацевски, изрази задоволство што со ваквиот начин на продлабочување на соработката ќе се обезбеди зголемување на транспарентноста и отчетноста за работата и дејствувањето на ДЗР и споделување на информациите и констатациите содржани во конечните ревизорски извештаи.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека со Меморандумот ќе се овозможат услови за поблиска соработка помеѓу ЗНМ и ДЗР во насока на организација на заеднички работилници и активности со цел унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите, како и точното и навремено информирање на граѓаните.

Во Меморандумот се предвидува и заедничка изработка на анализи, истражувања и прирачници како и олеснет пристап до стручни материјали и литература во ДЗР и ЗНМ. Освен тоа, соработката предвидува и креирање на кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на Државниот завод за ревизија.