dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Обука за вработените во Државниот завод за ревизија

30.01.2020
Слика
Обука на државните ревизори 1

Во рамки на “Годишната програма за континуирано професионално усовршување и обуки за 2020 година беше организирана обука за вработените во Државниот завод за ревизија која се реализираше во согласност со стратешките определби на ДЗР за развој на ревизорските знаења и на ревизорските вештини за сите видови ревизија. На обуката одржана во хотелот „Сириус“ во Струмица на покана од  Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски беа присутни и претставници од Бирото за јавни набавки, Центарот за граѓански комуникации, Државната комисија за спречување на корупција и Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

Обуката почна со  презентирање на концептот на измамата и корупцијата од Советникот на главниот државен ревизор за методологии и пракса, м-р Тања Тасевска. Притоа детално беа анализирани шемите за нивно препознавање, како и методите за злоупотреба на финансиско известување. Во интерактивната дискусија беа анализирани и разработени меѓународните стандарди ИСА 240 и  Упатството за ангажмани за ревизија за превенција од корупција, со осврт на одговорностите на ревизорот поврзани со измами на ревизија на финансиското известување.

Тема на обуката беа и јавните набавки каде свои излагања имаат претставниците на Бирото за јавни набавки Суат Зејнуловиќ (регулатива на ЈН), Александра Сараќинчева (Управна контрола) и Драгана Николовска (функционалност на Електронскиот систем за јавни набавки).  На истата тема презентации и излагање имаа претставниците на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков и Сабина Факиќ. Низ детално подготвените и графички извонредно илустрирани презентации, обучувачите на лесно разбирлив начин ги елаборираа наодите од мониторингот и корупцијата во јавните набавки.

Во продолжение на обуката свои презентации имаа м-р Љубица Тошевска, Раководител на ревизија, која што се осврна на процесот на осигурување на квалитет на ревизиите. Во овој дел стана збор за видовите на проверки на осигурување на квалитетот на ревизиите, утврдени состојби од спроведените постапки, како и детектирани методолошки укажувања.

Советникот на главниот државен ревизор за унапредување на ревизијата Бранислав Гулев со неговите презентации опфати и разработи теми и проблематики како што се: Ревизија на спроведен попис на средства, побарувања и обврски; Пресметка на амортизација и ревалоризација кај буџетските корисници, единици на локална самоуправа и јавни претпријатија; Исплата на надоместоци согласно законската регулатива; Коригирање на сметководствени грешки со посебен осврт на МСС 8 и Новини во Законот за данокот на добивка.

Последниот ден од обуката помина со презентација на професорот од Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, Атанаско Атанасовски. Во одделни сесии професорот имаше интерактивна сесија и дискусија со вработените во ДЗР на темите како што се: Сметководство за залихи-МСС 2, Извештај за парични текови-МСС 7 и Трансферни цени-даночни аспекти.

Четиридневната обука обилуваше со прашања, дискусии и коментари од страна на посетителите. Вработените во ДЗР и другите присутни на обуката имаа отворена можност за поставување прашања и за свои коментари што беше максимално искористено во контекст на размена на стекнатите искуства, односно зајакнување и надградба на ревизорските вештини и знаења.