Договорена соработка меѓу Државен завод за ревизија и Здружението на новинари на Македонија

Сре, 08.01.2020 - 16:46
Image
Состанок ЗНМ

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски одржа работен состанок со претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски и Извршниот директор на здружението, Драган Секуловски.

Состанокот се реализираше по иницијатива на Главниот државен ревизор и Државниот завод за ревизија (ДЗР) во насока на зајакнување и продлабочување на соработката помеѓу ДЗР И ЗНМ, со цел поголема транспарентност и отвореност на Државниот завод за ревизија како институција којашто е од особена важност за граѓаните на Република Северна Македонија.

Во текот на состанокот, на кој присуствуваа претставници на ДЗР одговорни за дадената проблематика, се дискутираше за идеите и отворените  можности за соработка во насока на едукација на новинарите за подобро разбирање и читање на ревизорските извештаи. Притоа беше истакнато дека новинарските текстови можат да бидат квалитетен извор за информирање на јавноста околу начинот на трошење на јавните средства од страна на институциите кои се предмет на вршење ревизија.

На состанокот се дискутираше и за проширување на оваа соработка, во која би се вклучила и Академијата за обука на судии и јавни обвинители, преку потпишување на Декларација за соработка на трите страни.